Милијардерот Бил Гејтс не нарачал суперјахта на водороден погон од Sinot, соопшти дизајнерската компанија.
Откако многу светски медиуми објавија дека Гејтс нарачал примерок од луксузната јахта вредна 644 милиони долари што беше претставена како концепт на Саемот за јахти во Монако во 2019 година, компанијата реши да излезе со демант.
Sinot нагласува дека „нема никакви деловни односи“ со Бил Гејтс и додаде дека концептот за јахтата наречена Aqua „не е поврзан“ со Бил Гејтс, ниту со некој од неговите претставници или застапници.
„Aqua уште е концепт во развој и го немаме продадено на господин Гејтс“, рече портпаролката на Sinot.
BBC пишува дека го контактирале Бил Гејтс за коментар, но не добиле одговор.
Кога ќе биде готова, суперјахтата ќе биде долга 112 метри, според промотивниот материјал што го објави Sinot, а засега е направен само еден физички модел долг два метра.
Јахтата ќе има водороден погон, што се смета за една од еколошките алтернативи на горивата кои произведуваат штетни гасови.