Фени загуби добиен меч против ослабениот МЗТ и го „лансира“ Куманово во Суперлигата

0
57
loading...

Екипата на Куманово е последниот патник во Суперлигата, откако вечерва прво убедливо на домашен терен ја совлада Блокотехна (86-65), а потоа беше сведок на драматичен пораз на нивниот директен конкурент, Фени индустри во пресметката пред своите навивачи против МЗТ Скопје (95-103) и тоа по дури две продолженија.

Финишот од Првата лига се покажа како крајно драматичен со трагичен крај за едно и вистински хепиенд за други. Кумановци буквално го фатија последниот воз, а суперлигашката виза ќе треба само да ја потврдат в недела на гостувањето кај убедливо последнопласираниот тим на Шкупи. Со евентуален триумф би имале скор 11-9, додека нивниот директен конкурент од Тиквешијата ќе заврши со учинок 10-10. Бранислав Ѓекиќ со 19 поени и Филип Думиќ и Игор Пенов со по 12 поени беа најпрецизни кај Куманово, додека Божо Ѓумиќ со 22 поени беше најефикасен кај Блокотехна.

Кавадарчани долго ќе го паметат вечерашниот дуел по кој првпат по подолго време ќе се најдат во Плејаут-лигата. Тие одиграа одлично сѐ до самиот крај, кога не успеаја да ја капитализираат предноста. Трагичар во регуларниот дел бешепоранешниот младински репрезентативец Горјан Марковски, кој промаши две слободни фрлања на 21 секунда до крајот, со што им овозможи на гостите од Аеродром да изедначат за дополнителни пет минути.

loading...

Бекот на Фени делумно се извади во продолжението кога ги погоди двете слободни фрлања за нов екстра-период, во кој кошаркарите на овој тим едноставно снемаа сили. „Металците“ почнаа со 7-0, предност која им овозможи конечно да стават крај на средбата. Домашниот тим водеше во најголемиот дел од средбата, во првото полувреме имаше и плус 14 (25-11), а во финишот, откако скопјани со серија 9-0 направија резултатски пресврт, веднаш вратија со осум поени во низа на Ѓорѓе Каплановиќ за 73-67 на две минути до крјаот. Фени имаше и 75-70, но тогаш застана што гостинот максимално го искористи и казни по дури десет дополнителни минути.

Марко Симоновски со 25 поени и осум скока беше најдобар кај МЗТ Скопје, додека Андрија Бојиќ средбата ја заврши со 24 поени и 14 скока. Екипата од „Јане Сандански“ настапи без Иве Иванов и Џејмс Вудард, додека Лестер Медфорд и Предраг Самарџиски имаа помала минутажа од вообичаеното. Јане Петровски со 26 поени и 16 асистенции беше убедливо најдобар кај домашниот состав.

Кумановската пресметка беше последна од 21. коло од Првата лига додека во Кавадарци се отвори последната рунда од оваа фаза од домашниот шампионат. Подоцна вечерва играат Пелистер и АВ Охрид, утре ќе се сретнат Гостивар и Работнички (17.30 часот), односно Вардар и Кожув (19 часот) додека завесата ќе се спушти в недела кога Шкупи ќе го пречека Куманово (12 часот).

loading...