Укинати налепниците за регистрирани возила

0
142
loading...

Шалтерите на МВР во станиците за технички преглед на возила од почетокот на месецов не издаваат налепници кои возачите беа обврзани да ги залепат во горниот десен агол на предното ветробранско стакло на возилото. Од МВР велат дека налепниците се укинати бидејќи со нив се дуплира обврската за докажување на регистрацијатата, која се потврдува и со печат во сообраќајната дозвола на возилото.

За укинувањето сè уште не се усвоени измени на постојниот Закон за возила. Од МВР објаснуваат дека не ги чекале законските измени поради истрошените резерви налепници, а укинувањето го направиле по одлука на Влада.

„Со измени и дополнувања на Законот за возила, кои се утврдени на владина седница на 16.10.2018, меѓу другото, се укинува обврската за наплата и издавање налепница при регистрирање на возилата. Овие измени на законот се во собраниска процедура, се планира нивно донесување по изборите. Во очекување на овие законски новини, во Министерството за внатрешни работи, во изминатиот период се намалија резервите на налепници за регистрирани возила. Со цел да се избегне селективно постапување кон граѓаните, во услови кога едни станици за технички преглед имаа налепници, а други ги имаа потрошено, се одлучи да се повлечат преостанатите мали резерви на налепници. При дефинирањето на ваквиот став на Министерството за внатрешни работи се имаше предвид дека со печатот при регистрација на возилото се потврдува дека возилото е регистрирано, а налепницата е само надворешно видлив доказ за исполнување на законската обврска и своевидно нејзино дуплирање“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР .

Тој нагласи дека укинувањето на налепниците било единствено решение во услови кога набавката на нови налепници е финансиски неоправдана поради кусиот временски рок за нивна употреба.

loading...

Налепниците без воведени како законска обврска со почетокот на 2014 година со цел да се намали бројот на нерегистрирани возила во сообраќајот. Од МВР велат дека влијанието на налепницата било незначително.

„Во однос на прашањето за анализата на ефектот од воведување на налепницата, Министерството е на став дека обврската за издавање налепници за регистрација на возилата е фактор што незначително влијаеше на процентот на регистрирани возила, а самата налепница претставува финансиско оптоварување на граѓаните за кое тие веќе имаат доказ во сообраќајната дозвола за регистрираното возило“, рече портпаролот Ангеловски.

За налепница сопствениците на возилата плаќаа дополнителни 60 денари при регистрација на возилото.

Изминативе пет години полицијата казнуваше и за незалепени налепници. Казната за незалепена налепница изнесуваше изнесуваше 500 евра. Толку е казната и за нерегистрирано возило.

loading...