Туџаров: Нашиот канабис е со најдобар квалитет во светот

0
96


Нашиот канабис е со најдобар квалитет во светот. Македонските производители создадоа цвет со 18 проценти CBD, тоа е светски рекорд. Светски рекорд имаме и во производство на 25 процентно THC. Tоа никој не го знае. Треба да се извезува, а виновни што не се извезува се тие кои ние сме ги избрале. Веднаш треба да се донесе Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, истакна денеска на прес-конференција генералниот директор на компанијата Реплек фарм Дооел, Иван Туџаров.

Посочи дека Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции требало да се дополни во изминатите три години.

– Не е битно дали функционерите имаат полиња, битно е дали го почитуваат законот. Ако не го донесеме законот губиме огромен приход и не го збогатуваме овој народ. Приходот на Македонија мора да се зголеми, потенцира Туџаров и додаде дека народот мора да има плата повисока од 400 евра.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто пациентите сѐ уште купуваат масло од канабис на црниот пазар со образложение дека во производите на компанијата има ниска концентрација на THC, Туџаров истакна дека црниот пазар не може да се запре, туку може да се намали.

– Црниот пазар произведува THC во разни услови дали со нафта, газије, на секаков начин. Знаете што е проблем, кога еден државен министер за здравство ќе седне со еден таков џанкер и ќе дискутира за законот, рече Туџаров.

Во врска со тоа зошто лекарите на кои им е дозолено да пропишуваат на рецепт дел од производите на компанијата не го прават тоа, бидејќи се скептични, тој вели дека некои лекари пропишуваат некои не. Додаде дека луѓето сѐ уште не се уверени во квалитетот на производите и дека докторите треба да се запознаат со оваа проблематика.

Туџаров рече дека во соработка со германски партнер инвестираат во нова високо специјализирана фабрика со највисока технологија и строго наменети услови за изработка на производи кои содржат екстракт од канабис, што се простира на површина од 1.300 метри квадратни. Појасни дека нивните производи се присутни на повеќе од 30 светски пазари изминатите 19 години. Најави изградба на две фабрики за финален производ, едната ќе биде на просторот меѓу Тетово и Гостивар, а другата во Струмица или во Дојран.

– Планираме во секој погон да има минимум 50 до 100 вработени, а на работните места што ќе бидат на полињата ќе има илјадници луѓе вработени. Нема да има невработен во Македонија ако го препознаеме моментот, додаде Туџаров.

Цане Талевски, советник на Туџаров, на прес-конференцијата рече дека како производители на фармацевтски дозирани форми можат да набавуваат и да користат канабис само од фирми кои имаат лиценца за добра агрикултурна пракса.

Раководителот на одделението за производство на екстракти од канабис, Софија Лазаревска рече дека не постои доктор кој може да спори дека пациентите болни од карцином, кој има широки размери кај нас, немаат подобрување на апететитот, сонот, намалување на гадење и повраќање, подобрување на некој начин на имунитетот, намалување на болката и подобрување на квалитетот на животот.

– А дали ќе се излекуваат, болеста е злокобна и никој ниту со хемотерапија не може да тврди дека ќе се излекуваат. Не негираме никаква конвенционална терапија со ниту еден од препаратите што ги имаме. Немаме право тоа да го кажеме, но имаме право да кажеме дека секој кој не може со својата медицинска индикација да добие соодветен лек и добива лек со кој нема соодветен одговор, треба да почне да проба тоа да го подобри со користење канабис, додаде Лазаревска.





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here