Спасовски: Вељаноски не прифати да се расправа за избор на претседател на Собранието

0
74


Трајко Вељаноски не прифати промена на дневниот ред и да се премине на точката за избор на претседател, изјави премиерот Оливер Спасовски, кој сведочеше на денешното рочиште за „27 април“.

Спасовски на почетокот рече дека во периодот јануари-јуни 2017 година бил пратеник во Собранието и технички секретар на СДСМ.

– Предложив на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски да се промени дневниот ред и да се премине на точката за избор на претседател, но тоа не беше прифатено, изјави Спасовски.

Нагласи дека за предлогот имал поддршка од над десет пратеници, а претседателот на Собранието, по Деловник морал да го стави таквиот предлог на гласање.

На прашање од обвинителката Вилма Русковска, какви акции преземала партијата во овој период, Спасовски рече дека кога започнале насилствата во Собранието пред седиштето на СДСМ се собрала поголема група граѓани.

– Единствено нешто, што преземавме јас и претседателот на партијата, е дека не дозволивме насобраните луѓе да одат накај Собрание за да не се направи уште поголем проблем, изјави Спасовски.

Спасовски, нагласи дека партиите функционираат хиерархиски, па не може барем во неговата партија, да не се знае нешто што се презема.

На прашање од обвинетиот Трајко Вељаноски, дали имало координација на 27 април за прашањето за промена на дневниот ред, Спасовски, рече дека се разговарало на координација за истото прашање и дека и тогаш одбил, но дека предлогот го поднел и на седница.

-Координацијата е ирелевантна, за прашањето на седница се изјаснува со гласање, изјави Спасовски.

Судскиот процес го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Според ОЈО, осомничените на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта. За таа цел, ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27 април.

– Осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите. Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Воедно од седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Во исто време, еден од осомничените со возило, сопственост на Управата за безбедност и котраразузнавање, донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието на Република Македонија што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, се наведува во обвинението од ОЈО.

Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите за прогон. 





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here