Почна собраниската седница за избор на техничката влада

0
104


Собранието на Република Северна Македонија ја започна 128. седница за избор на новата техничка влада, која треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април согласно договорот на политичките партии.

Мандатар на новата влада е Оливер Спасовски, досегашен вицепремиер и министер за внатрешни работи, кој до Собранието достави предлог за состав на новата влада и програма за нејзина работа.

Спасовски во експозето пред пратениците истакна дека нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога од нас се очекува непречено функционирање на сите институции.

– Ова е време кога треба да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат активностите за членство во НАТО и во ЕУ, рече тој.

Токму затоа предводењето на Владата во ваков период за него, како што рече, претставува силен предизвик и голема лична, професионална и политичка одговорност.

Според Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, Владата во периодот до изборот на следната политичка влада за свои стратешки приоритети ги потврдува успешно организирање слободни фер и демократски предвремени парламентарни избори, полноправно членство на РСМ во НАТО, успешно започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ, развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, реформи во правосудството, целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, намалување на аерозагадувањето, одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, јакнење на владеењето на правото преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа и реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатика технологија.

Во техничката или преодна Влада министерски места имаат најголемите политички партии, вклучувајќи ја и опозицијата. Промени во составот во однос на последната влада на премиерот Зоран Заев, кој утрово поднесе оставка, има само во делот на предложените министри и заменици од ВМРО-ДПМНЕ, како и на вицепремиерското место за економски прашања. На местото на Кочо Анѓушев, кој поднесе оставка, ќе биде Мила Царовска, која беше министерка за труд и социјална политика.

Министер за внатрешни работи во техничката Влада ќе биде Наќе Чулев, а министер за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, кои се предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партија предложи и дополнителни заменици министри во земјоделство, информатичко општество и администрација и во финансии.

СДСМ предложи дополнителни заменици министри во министерствата за внатрешни работи и во труд и социјална политика. Замениците министри ќе бидат избрани на нова седница. 





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here