ОПШТИНА САРАЈ 10 ДЕНА НЕ МУ ОДГОВАРА НА ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ГРАДЕЖНИШТВО ЗА ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НА МАТКА

0
26
loading...

Општина Сарај сè уште не постапила по барањето на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за дивите платформи на Матка.

На 4 март Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам му испратил писмо на градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети, локалните власти да излезат на терен и да постапат со дивите платформи на Матка. Инспекторатот го испрати барањето откако министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече ако Општина Сарај не ги урива дивите платформи на Матка, тогаш Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам мора да постапи.

Оттогаш поминаа 10 дена, а одговор од Општина нема иако според законот рокот до кога од Сарај треба да се изјаснат е 5 дена.

„Ќе почекаме уште денеска. Ако немаме одговор тогаш ќе пратиме ургентно писмо до Општина Сарај. Ако и по тоа писмо во најкус можен рок не добиеме одговор, ќе побараме да постапи Управната инспекција која треба да направи увид во Општината и може да донесе одлука за евентуално одземање на ингеренциите“, велат за САКАМДАКАЖА.МК од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

loading...

Според Законот за градба ако овластениот градежен инспектор во Општина Сарај не постапува, тогаш градежниот инспекторат од Државниот градежен инспекторат треба на лице место да ја констатира ситуацијата. Тој врши увид во работата дали постапил или не инспекторот на Општина Сарај. Доколку не постапил со записник се известува Министерството за транспорт и врски и тоа назначува инспектор кој понатаму постапува до извршување.

На Матка не само што не се уриваат платформите, туку тие и понатаму се доградуваат. Градоначалникот на Сарај Блерим Беџети нема намера да ги урива, и најави дека ќе бара правно решение за нив. Беџети му порача на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов кој побара од него да ги урне платформите, да не му се меша во работа и да ги гледа неговите надлежности.

Кањонот Матка е заштитено подрачје од трета категорија и е прогласен за споменик на природата. Тоа значи дека не се дозволени активности кои би ја загрозиле неговата автентичност.

извор сакам да кажам

loading...