Околу 100 војници со навршени 45 години од утре на нови работни места

0
117


Скопје, 31 октомври 2019 (МИА) – Околу 100 војници со 45 години старост од утре ќе преминат во Министерството за правда, односно под Управата за извршување на санкции во затворската полиција. Со ова, се решава проблемот за околу 100 поранешни  војници, за кои по навршувањето на 45 години им престануваше професионалниот ангажман во Армијата.

Државниот секретар на Министерството за одбрана Драган Николиќ појасни дека веќе од утре првата група од 97 професионални војници кои имаат 45 години старост добиваат нов ангажман во казнено – поправните установи во државата.

-Војниците повеќе не треба да се грижат за нивниот натамошен ангажман. Добиваат достоинствена работа која ќе им овозможи исти дури и поголеми финансиски примања, како и соодветни услови на новите работни задачи, истакна Николиќ.

Тој појасни дека тие нема потреба да одат на дополнителна преквалификација, а установите каде што ќе одат ќе добијат обучени кадри. Посочи дека за оваа одлука добиле позитивен одговор од војниците.

Првиот човек на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ рече дека затворската полиција ќе добие обучен кадар.

-На новите вработени ќе им излеземе во пресрет и ќе бидат распределени според местото на живеење, односно, лоцирани се онаму каде што има најблиску казнено поправни домови, истакна Стојановиќ.

Надлежните најавија дека оваа пракса ќе продолжи и понатаму, а за овој проект на Министерството за одбрана добиле поддршка и од синдикатите.





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here