Руска компанија започна со производство на хуманоидни роботи со уникатен изглед, роботот може да изгледа исто како вас и да ги имитира вашите фацијални изрази, пренесува RT.
Компанијата Promobot вели дека хуманоидниот робот наречен Android Robo-C може да ги замени луѓето во канцеларија или дома. Роботот може да одговара на прашања во трговски центри и музеи, да биде администратор или вработен во канцеларија, да ги поздравува посетителите и да комуницира со нив. Неговата батерија трае 8 часа, потоа треба да се наполни.
„Ова е првиот хуманоиден андроид во светот кој не само што го имитира човекот туку и може да се интегрира во бизнис процесот, веќе создадовме еден прототип, а сега ќе почнеме со сериско производство“, вели Олег Кивокурцев за TASS.
Компанијата планира да произведува 10 роботи месечно, а цената не е позната. Роботот може да личи на кој било, може да разговара со сопственикот, благодарение на 100.000 модули за говор во AI системот. Способен е за повеќе од 600 фацијални експресии.