Номинациите за Оскари 2020 беа соопштени денеска, а меѓу кандидатите за најпрестижната филмска награда е и македонскиот документарец „Медена земја“.
Филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби две номинации: за Најдобар документарец и за Најдобар странски филм, што значи дека ова е најголемиот успех на македонски филм во светски рамки досега.
Покрај тоа што двете номинации за „Медена земја“ е историски за македонската кинематографија, исто така е историски и за Американската академија за филмска уметност и наука.
За првпат досега, еден филм е номиниран и во категоријата Најдобар документарец и во категоријата Најдобар странски фиилм (која до лани се викаше Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје).
Филмот за пчеларката Атиџе Муратова се закити со бројни награди на светски фестивали и избори, а двете номинации за Оскар само ја заокружија исклучително успешната година за овој македонски документарец.
„Медена земја“ е номиниран за Најдобар документарен филм заедно со: American Factory, The Cave, The Edge of Democracy и For Sama; и за Најдобар странски филм со: Corpus Christi (Полска), Les Miserables (Франција), Pain & Glory (Шпанија) и фаворитот Parasite (Јужна Кореја).
Оскарите се доделуваат во 25 категории, а 92. издание на оваа престижна свеченост ќе се одржи на 10 февруари, 2020 година.
„Медена земја“ (Honeyland) е прв македонски филм што успеа да добие две номинации за Оскар.
Во 1994 година за првпат македонски филм доби номинација за Оскар – „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.
Третиот филм на Манчевски – „Сенки“ – ѝ беше понуден на Академијата по повод 80-тото доделување на Оскарите, но не влезе меѓу петте номинирани.