Лидерска средба кај Пендаровски во понеделник во 12 часот

0
47


Скопје, 16 мај 2020 (МИА) –  Лидерската средба под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, на која треба да се разговара за терминот за одржување на предвремени парламентарните избори, е закажана за в понеделник во 12 часот.

Информацијата за МИА ја потврдија од Кабинетот на шефот на државата, од каде велат дека сите поканети лидери потврдиле учество на средбата.

На претходната средба што се одржа во вторникот лидерите се договорија со консензус дека здравјето на граѓаните останува приоритет и оти на почетокот на следната недела ќе се одржи нова средба за натамошните чекори откако ќе се добијат мислења од Комисијата за заразни болести, Државната изборна комисија и Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР.

– Во однос на понатамошните чекори договорено е да се побара мислење од Комисијата за заразни болести во однос на мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемијата на COVID-19. Државната изборна комисија е потребно да достави мислење за временските рокови кои и се потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес, а исто така ќе биде побарано и мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија за изборите. На почетокот на идната недела ќе има повторно лидерска средба на која ќе се дискутираат понатамошните чекори, соопшти по средбата Кабинетот на претседателот на државата.

Од СДСМ денеска соопштија дека предвремените парламентарни избори, кои веќе се распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања и гласањето да бидат усогласени со заштитните протоколи, бидејќи, како што наведоа, сите параметри и официјални податоци покажуваат дека епидемијата е ставена под контрола.

-Последната одлука на Уставниот суд, ја потврдува уставноста на владината уредба да се запрат предизборните активности зa распишаните избори поради коронавирусот. Тоа значи дека роковите за изборниот процес продолжуваат по завршување на вонредната состојба. ДИК по завршувањето на вонредната состојба, треба да ги заврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите, стои во соопштението од СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, и порачаа на СДСМ, „наместо со лицитација на датуми за избори и притисоци врз ДИК за неразумни кратења на роковите, да се посвети кон заштита на здравјето на граѓаните“.

-Сето нивно однесување, освен несериозност покажува дека се опасност по здравјето на граѓаните, и сакаат Facebook избори кои ќе бидат нерегуларни и некредибилни, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here