Кои се правните мерки со кои може да се соочи директорката Биљановска?

0
57


Скопското обвинителство ја следи состојбата, но сè уште е рано да поведе постапка за барање одговорност од директорката на Клиника за дерматологија Нина Цаца Биљановска која по враќањето од Италија место да остане во изолација, пет дена доаѓала на работа, а одржала и семинар со повеќе од 100 присутни. Кај неа во неделата бил дијагностициран корона вирус, а вчера во изолација беа ставени близу 200 лица со кои имала контакт, објави денеска „Макфакс“.

Од Обвинителството објаснуваат дека не можат да оформат предмет за одговорноста на директорката бидејќи сè уште е неизвесно дали е заразено некое од лицата кои сега се во изолација.

„Во поглед на настанатата ситуација со докторката – директорка на Универзитетската клиника за дерматологија, Јавното обвинителство ја известува јавноста дека ја следи настанатата состојба и укажува дека се уште е рано за кривично-правна интервенција, од причина што лицата со кои имала контакт докторката се во карантин и сѐ уште не е познато дали таа кај нив предизвикала пренесување на заразната болест, што е битна околност за кривично-правно постапување. Од друга страна, и самата докторка е во карантин и во овој момент не може да се утврди дали во конкретниот случај постапувала умислено или од небрежност“, велат за „Макфакс“ од Обвинителството.

Во Кривичниот законик пропишани се казни за две кривични дела кои се однесуваат на непочитување на прописи и наредби со што се предизвикува пренесување заразна болест.

„ За кривичното дело – пренесување заразна болест од член 205 став 1 од Кривичниот законик потребно е сторителот со кршење на прописи или наредби да предизвика пренесување на заразна болест. Ова кривично дело е умислено по својата правна природа. Воедно, во ставот 6 од истиот член е пропишана и казнивост на ова кривично дело сторено од небрежност. За кривичното дело – непостапување по здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик се казнува сторител кој за време на епидемија на опасна заразна болест не постапил според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање или спречување. Во поглед на второто наведено кривично дело, упатуваме дека битен елемент за исполнетост е да има прогласена епидемија на заразна болест, а во земјава таква состојба немаме во овој момент“, објаснуваат од Обвинителството.

Директорката Биљановска од вчера е сместена на Клиниката за инфективни болести. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе биде разрешена поради тоа што не ги следела препораките за заштита од корона вирус и не се изолирала по враќањето од Италија.

„Макфакс“ исто така објави дека Лекарската комора вели дека не може да ѝ ја одземе лиценцата за работа на Биљановска. Според нив, во Законот за здравствена заштита не е наведено како треба да постапат доколку медицинско лице свесно го загрозува здравјето на останатите.

Според Член 15 од Законот за заштита на населението од заразни болести:

Секој лекар кој врз основа на клинички и епидемиолошки податоци ќе открие или ќе се посомнева на заразно заболување, должен е веднаш да ги преземе мерките пропишани со овој закон, а со цел да се спречи натамошното ширење на заразата.

Во случаите кога лекарот ќе постави клиничка дијагноза или ќе се посомнева дека лицето има заразно заболување треба да го потврди заболувањето врз основа на микробиолошко испитување и согласно со кретериумите за дефиниција на случај.

Критериумите за дефинирање на случај од ставот 2 на овој член ги пропишува министерот за здравство.

Микробиолошко испитување на причинителите на заразни болести се врши и во случај на појава или опасност од појава на епидемија на заразна болест.

Според Член 67 од Законот за заштита на населението од заразни болести:

Глоба во износ од 300 до 650 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице, ако:

1) открие или се посомнева на заразна болест, а не ги преземе пропишаните мерки со овој закон (член 15);

2) не пријави заразна болест, односно сомневање за заразна болест или носителство на причинител (членови 17, 18, 19 и 20);

4) одбива изолација, задолжително лекување или друга мерка од членот 28 или карантин од членот 29 на овој закон;

5) одбие или на друг начин оневозможи спроведување на надзорот од членот 31 и 32 на овој закон;

9) не изврши или избегнува вршење на задолжителен здравствен преглед (членови 44 и 45).

Редакцијата на Kajgana.com до објавувањето на овој текст неколку пати се обиде да стапи во контакт со Основното јавно обвинителство Скопје по телефонски пат за да добие подетални информации, но линиите беа исклучени.





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here