Како ќе се движиме во продавници, дуќани, банки, според новата Уредба?

0
79


Скопје, 22 април 2020 (МИА) – Владата на Република Северна Македонија денеска донесе Уредба за примена на законот за трговија за време на вонредна состојба, соопшти владината прес-служба.

Со оваа Уредба во листата трговски објекти се додава зборот „дуќани” и се утврдува дека во објектите во кои се врши трговија на мало, истовремено може да пазаруваат најмногу по едно лице на површина од секои 20 метри квадратни, а во објектите со површина помала од 20 метри квадратни може да пазарува само едно лице.

Трговецот е должен да обезбеди заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените лица во објектот, а вработените лица се должни заштитната опрема да ја носат постојано во текот на работното време.

Владата исто така денеска ја донесе и Уредбата со законска сила за примена на Законот за поштенските услуги за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека за поставување ред и дисциплина при влез, во внатрешноста и при излез од капацитетите и објектите во кои се даваат поштенски  услуги, за време на траење на вонредната состојба, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Согласно оваа уредба, давателите на поштенски услуги се должни да обезбедат редарска служба при влезот, во внатрешноста и при излезот на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и задолжително носење на заштитна маска, марама или шал со кој ќе бидат покриени устата и носот на корисникот на поштенската услуга кој влегува во објектот.

– Давателите на поштенски услуги се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците на поштенските услуги пред и внатре во објектот. Ознаките се поставуваат на растојание од најмалку два метри и тоа: пред секој пункт/шалтер на кои граѓаните пристапуваат за вршење поштенска услуга, како и пред влезот на објектот, информираат од Влада.

Уредбата ги задолжува давателите на поштенски услуги најмалку еднаш неделно да вршат превентивна дезинфекција во објектите во кои се даваат поштенски услуги.

Воедно на денешната седница е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за банките за време на вонредна состојба со која се утврдува дека за поставување ред и дисциплина при влез во и излез од внатрешноста на деловните единици или простории на банките и штедилниците во кои се примаат клиенти, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба.

Според оваа уредба банките и штедилниците се должни да обезбедат редарска служба при влезот во и при излезот од објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбеди спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и да не дозволи влез во објектот на лица кои не носат заштитна маска, марама или шал со кои ќе бидат покриени устата и носот .

– Банките и штедилниците се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на корисниците пред и внатре во објектот на растојание од најмалку два метра и тоа пред секој шалтер на кој корисниците пристапуваат за вршење финансиски услуги, како и во дијаметар од 10 метри пред влезот на објектот, соопштија од Влада.

Согласно оваа уредба банките и штедилниците се должни на вработените лица кои работат во објектите или имаат контакт со клиенти да им обезбедат заштитна опрема (ракавици и маски) кои се должни да ги носат во текот на целото работно време.

Уредбата определува дека во банките и штедилниците во исто време, заедно со вработените, не смее да има повеќе од 5 лица во просторија до 50 квадратни метри, – повеќе од 10 лица во просторија од 50 до 100 квадратни метри, повеќе од 15 лица во просторија од 100 до 200 квадратни метри и повеќе од 20 лица во просторија над 200 квадратни метри.





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here