Еспозито доби најубав божикен подарок од чичко Лукаку

0
126


Со само 17 години Себастијано Еспозито синоќа постигна гол за Интер и тоа благодарение на Ромелу Лукаку кој реши пеналот да му го отстапи нему.

Италијанците викендов го играат последното коло пред божикните и новогодишни празници. Католички Божик е во среда, а младиот напаѓач веќе го доби веројатно најубавиот подарок во целиот негов живот.

Интер водеше со 2:0 против Џеноа која играше без суспендираниот Горан пандев. Лукаку во 31-вата и Роберто Гаљардини во 33-тата ги постигнаа головите на „Нераѕурите“.

Во 64-тата минута домашниот тим доби пенал откако Кевин Агудело го собори Гаљардини во казнениот простот. Лукаку ја зема топката да го изведе ударот, но од публиката слушна молба да му го остави на младиот Еспозито. Тоа и го направи, а тинејџерот на убавиот гест се реваншира со прецизен удар не оставајќи му шанса на голманот Андреј Раду.

За Еспозито ова беше прв натпревар кој го почна од првата минута откако поради суспензијата на Лаутаро Мартинес и повредата на Алексис Санчес тимот на Антнио Конте остана без офанзивци. Претходно трипати влегуваше од клупати при крајот, а сега го прослави првиот гол, благодарение на убавиот гест на Лукаку.

Интер потоа преку Лукаку постигна нов гол во 71-вата минута за победа од конечни 4:0.

„Ова беше фантастична недела за мене, но истовремено беше и тешка бидејќи бев нервозен. Нема да негирам дека ноќта пред натпреварот не можев да заспијам. Цела ноќ мислев на натпреварот. Морам да му се заблагодарам на тимот, на тренерот, на клубот и пред сѐ на Ромелу, поради голот. На последниот тренинг виде колку сум нервозен, ме смири и ми кажа да ја користам главата повеќе. Тие се сите неверојатни луѓе, исто така и фантастични фудбалери. За мене ова е емотивно и преубаво“, рече пресреќниот Еспозито признавајќи дека настапот првпат како стартер премногу влијаел врз него.





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here