Беќировиќ: Против Вучиќ и Заев се води хибридна војна

0
116


Белград, 28 декември 2019 (МИА) – Се соочуваме со еден вид хибридна војна која се води против српскиот претседател Александар Вучиќ и против премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, која кон двајцата лидери ќе се засили, како што се приближуваат изборите во април следната година и во двете земји, оцени директорот на Институтот за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС), Зијад Беќировиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Беќировиќ причината за оваа хибридна војна, на „надворешните сили и на дел од внатрешните политички сили“ ја наоѓа во „резултатите кои Вучиќ и Заев ги имаат постигнато во околности кога никој не очекуваше дека може да се случат вакви значителни промени во Србија и Северна Македонија“.

– Ако ја споредиме денешна Србија со онаа од 2012 година, кога дојде на власт Александар Вучиќ, ќе видиме дека тоа не е истата земја, кажа Беќировиќ за Танјуг, додавајќи дека регионот сега се наоѓа во позитивна пресвртница, „преку идејата за малиот Шенген да се надминат многу работи од минатото и да сврти кон иднината“.

Тој ја смета иницијативата за таканаречениот мал Шенген како најважна иницијатива во 21. век за регионот на Западен Балкан.

Затоа смета дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, се визионери и ги спореди со шесте европски лидери кои во повоената Европа ја формираа „Европската заедница за јаглен и челик“, од која се роди ЕУ.

На прашањето како гледа на противењето на некои политичари во регионот на оваа идеја, Беќировиќ вели дека тука станува збор за суета и љубомора меѓу политичките лидери.

– Секој што не го започна тоа прв, кој не е главен, се обидува тоа да го опструира. Идејата за мал Шенген и сè што е направено досега претставува значаен чекор кон нормализирање на односите во регионот, но пред сè тука треба да зборуваме за индикатори, за економија, за математика, за бројките, за обемот на таа економија што значи дека ќе имаме пазар од речиси 20 милиони луѓе ако овие шест земји станат дел од системот на мал Шенген, објасни Беќировиќ.

Тој посочи дека економската соработка во рамки на малиот Шенген би можела да се подобри за 10 милијарди евра.

– Секоја земја која би била дел од оваа иницијатива може, во зависност од големината на нејзината економија, да оствари најмалку 500 милиони евра дополнителни приходи, што се огромни пари, потенцира Беќировиќ.

Според него, постојат големи опструкции и од Европската Унија, кои се објаснуваат со стравувањата дека ќе биде загрозен бизнисот на нивните компании, бидејќи 70 проценти од вкупната размена на регионот се остварува во рамки на регионот.

– Од политичка гледна точка, малиот Шенген не и одговара на ЕУ, затоа што досега Брисел можеше да манипулира со регионот, со оглед на тоа дека станува збор за релативно мали држави, а доколку овие шест земји дејствуваат заедно кон ЕУ, тогаш тие би претставувале силна политичка сила, вели Беќиревиќ, наведувајќи го примерот на земјите од Вишеградската група, кои во рамки на ЕУ најчесто делуваат како еден глас.

Тој се осврна и на одложување на проширувањето и ја предупреди ЕУ дека доколку продолжи да дејствува како „маќеа“ во регионот, одредени земји би можеле сериозно да размислат за промена на нивната геополитичка ориентација.

– Повлекувањето на САД од меѓународната сцена и неактивноста на ЕУ, обезбедија простор за други фактори да го зајакнат своето присуство во регионот, особено Руската Федерација, НР Кина и Турција, но и други меѓународни играчи за спроведување на нивните интереси, што земјите од регионот треба заеднички да го искористат и да го стават во своја полза, смета Беќировиќ. 





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here