Анкета: За речиси половина од граѓаните „Рекет“ не е причина за предвремени избори

0
118


Скопје, 6 октомври 2019 (МИА) –  Речиси половина од граѓаните случајот „Рекет“ не го сметаат за причина за организација на предвремени парламентарни избори, покажува анкетата која за потребите на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Резултатите покажуваат дека 44,7 отсто од граѓаните сметаат дека не треба да се организираат избори поради „Рекет“, додека 36,3 отсто се на ставот дека е потребно ново гласање за избор на пратеници, додека 18,9 проценти од анкетираните се уште немаат став.

Според резултатите 48,7 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека „Рекет“ нема да доживее целосна разрешница. 27,9 отсто се уверени дека случајот ќе биде решен, додека 23,4 проценти не знаат.

Анкетата покажува дека 47,1 проценти сметаат дека доколку одредени домашни и странски медиуми не објавеа информации поврзани со аферата, за случајот „Рекет“ воопшто немаше да се покрене истрага. Спротивно мислење имаат 24,4 отсто од граѓаните, додека 28,5 проценти останале без одговор.

Триесет и осум отсто сметаат дека одредени поединци во СЈО се корумпирани, речиси идентична бројка или 37,9 отсто од граѓаните се согласуваат со тврдењето дека СЈО е целосно корумпирано, додека 9,5 проценти сметаат дека СЈО работи професионално.

Истражувањето покажува дека мнозинството граѓани сметаат дека меѓународната заедница треба да се вклучи во изборот на судии и обвинители. Четириесет и шест отсто од граѓаните сметаат дека помошта на меѓународниот фактор е добредојдена, додека 33,3 проценти се на ставот дека меѓународниот фактор треба да остане надвор од процесот на избор на кадри во правосудниот систем, а 20,3 отсто од анкетираните рекле дека не знаат.

Уште повисока е поддршката за идејата во одредени судски процеси од висок профил да се вклучат обвинители и судии од странство. Со неа се согласуваат 53,8 отсто, додека 29,8 проценти се против, а 16,3 отсто немаат одговор на ова прашање.

Речиси две третини од анкетираните не се задоволни ниту со начинот на кој институциите се справуваат со случаите кои произлегоа од бомбите – 62,8 отсто велат дека институциите не се справуваат добро со овие случаи, додека 16,8 проценти се убедени во спротивното, а 20,5 отсто немаат одговор.

Високи 75 отсто од граѓаните сметаат дека потребна е постапка на „ветинг“ во судството. Против проверката на имотната состојба на кадрите од правосудниот систем се 10,7 отсто,  додека 14,2 отсто немаат став.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена телефонски, во периодот од 14 до 17 септември, годинава, врз репрезентативен примерок од 1.109 испитаници со маргина на грешка на примерокот од плус – минус 3 отсто.





Source link

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here